Економијата во ТИРЗ и понатаму продолжува да расте

Продолжува растот во технолошко индустриските развојни зони, а примената на новиот концепт на ТИРЗ за привлекување странски инвестиции веќе дава конкретни резултати и зголемен број на нови инвестиции, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ која ја презентираше директорот Јован Деспотовски.

„Растот продолжува и во месец август, а бројките покажуваат рекордни економски активности во првите осум месеци од 2021 во однос на минатите години. Овие бројки јасно укажуваат дека економијата не само што го надмина пандемискиот период туку бележи серозен раст. Очекувам ваквиот позитивен тренд да продолжи до крајот на годинава,“ изјави Деспотовски.

Редовната месечна анализа за август покажува највисоко ниво на увоз во првите осум месеци споредено со истиот период во изминатите четири години,  како и речиси рекордна извозна и увозна активност годинава. Вкупниот увоз во првите осум месеци во зоните достигна 2,04 милијарди евра, што е за над 50% повеќе во однос на истиот период лани, односно над 11% во споредба со 2019 и речиси 32% повеќе од 2018 година. Само во август извозот е 275 милиони евра, што е 24% повеќе од август 2020 година, односно за 26% и 45% повеќе споредено со месец август 2019, односно 2018 година.

Во првите осум месеци од 2021г вкупниот увоз во зоните изнесува над 2,036 милијарди евра и е за 63% зголемен во однос на истиот период лани односно 17 % во однос на 2019г, а над 55% во однос на 2018. Само во месец август увозот во зоните достигна 269 милиони евра и е најголем во последните четири години споредено со истиот месец. Според анализата голем дел од увозот се должи на набавка на машини, опрема и нови технологии поради зголемените инвестициски активности во зоните што се одразува и на нето извозот, односно речиси изедначена покриеност на увозот и извозот во зоните. Заклучно со август нето извозот е во позитива од 0,34%.

Компаративната анализа покажува и раст од 7,15% на бројот на вработени во август споредено со истиот месец лани,  и стабилно ниво од над 14.000 вработени во компаниите активни во зоните.

Деспотовски најави и нови странски инвестиции во Штип, Кичево и Скопје.

„Во формална процедура на одобрување се три нови договори за странски инвестиции со вкупен обем од над 54 милиони евра. Само овие инвестиции треба да донесат 680 нови работни места, да го зголемат вкупниот извоз за над 850 милиони евра во десетгодишен период, а приходите во буџетот ќе достигнат до 55 милиони евра на сметка на придонеси, данок на добивка и персонален данок. Само од почетокот на годинава имаме започнати или во фаза на реализација договори за нови инвестиции од речиси 160 милиони евра. Со засилена динамика и квалитативен различен пристап работиме на зголемување на бројот на компании во зоните. Со деловната клима која ја наметна оваа влада покажавме дека знаеме да го искористиме потенцијалот и на новите и на постојните странски инвеститори,“ нагласи Деспотовски.

Деспотовски соопшти дека веќе е завршена измената на Упатството за оправдани инвестициски трошоци која за првпат е изработена од меѓународна ревизорска куќа и во соработка со компаниите, Советот за странски инвеститори и Асоцијацијата на напредно технолошки компании. Со ова се воведуваат јасни и прецизни правила на игра и заштитен механизам за државата и компаниите. Исто така ТИРЗ ќе ја интензивира соработката со сите Универзитети со цел отворање можности за пракса на студенти во компаниите, за што веќе е потпишан и меморандум со УГД „Гоце Делчев“, Штип.

Деспотовски најави и дека во следниот период ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои воведување на програми за домашни компании, заедно со ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивностнаменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите, како и нова кампања за презентација на инвестициски можности  во странство со цел  поттикнување на инвестиции со фокус кон сите индустрии.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде