Станкоски: Просечната откупна цена на тутунот е 171 денар и допрва ќе расте, се друго е дезинформација

0
168

Генералниот директор на Тутунскиот Комбинат, Кире Станкоски, потенцираше дека актуелната тутунска реколта има понизок квалитет од лани поради временските услови, а во Тутунски Комбинат производството реално се цени, и реално маката на тутунарите се проценува, тутунарите како и лани, го предаваат тутунот, и веднаш другиот ден парите ги имаат на своите сметки.

„Во текот на денешниот ден, до 11:00 часот, Тутунски Комбинат има откупено 6.165 килограми тутун по просечна цена од 193.3 денари. Во изминатите две недели откупени се околу 80.000 кг тутун, по просечна цена од 171.2 денари. Од состанокот кој во петокот го имавме кај министерот за земјоделство, од страна на Државниот инспекторат беше истакнато дека до тој момент, просечната откупна цена на државно ниво беше 165 ден/кг. Тоа значи дека станува збор за класична инсинуација и дезинформација, дека тутунот се откупува по цена од 120-130 денари“, изјави Станкоски.

Станкоски нагласи дека Комбинатот врши реална процена на тутунот кој го носат нивните кооперанти и доколку и другите откупните компании вршат таква реална процена, кај тутунопроизводителите нема да постои причина за незадоволство. Дополнително, од причина што временските прилики им одат во прилог на тутунопроизводителите, во претстојниот период ќе бидат преземени уште поголеми количини на тутун и дека неговата просечна откупна цена, заради носењето на тутунот од повисоките класи, ќе се зголемува.

„Анализите покажуваат дека од почетокот на откупната сезона, претежно се откупува тутун од средни и ниски берби, заради што и просечната цена се движи околу 170 денари. Премногу е рано да се зборува за задоволство или незадоволство од просечната цена, на олку мали количини откупен тутун. За тоа ќе може да зборуваме откако ќе го откупиме тутунот од повисоките класи, произведен во месец септември, кој е далеку поквалитетен од оној кој сега го откупуваме и кој ќе придонесе за зголемување на просечната цена“, истакна Станкоски.

На новинарско прашање како ќе се одразат протестите врз откупната кампања Станкоски истакна дека странските компании бараат во пазарна економија – реално проценување, вреднување на трудот. Тутунопроизводителите треба да ги следат законските прописи, зашто тутунот е единствена култура која е обезбедена со закон. Јасно се дефинирани правилата на кој начин се врши проценката, на кој начин се организира производството,а тутунарите имаат делегирано свои повереници на вагите. Доколку има проблем кооперантот може да пријави до Второстепена комисија. Досега во Македонија се откупени над 300 тона, или над 1 % од вкупната количина, а досега нема ниту една пријава до Второстепената комисија. Според договорите, годинешната тутунска реколта тежи околу 23 илјади тони.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде