По кои правила ќе се водиме ова лето на македонските плажи?

0
189

На седница на Владата беа усвоени протоколите кои се однесуваат на работата на базените и плажите во нашата земја за време на пандемија.

Дистанца од 2 метра ќе мора да се одржува како на плажа, така и во водa, препорачливо е да не се користат гардеробите на плажа, а забранети се групни спортови како одбојка.

Вработените задолжително мора да носат маски преку носот и устата, лежалките мора да се дезинфицираат по секое користење и мора да бидат поставени средства за дезинфекција.

Што се однесува до работата на базените, на билетарите задолжително е да се обележи место за чекање со растојание, се препорачува онлајн купување билети, пред влезот да се постави подлога за дезинфекција, а задолжително е секој да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера пред влегување во базенскиот дел.

Како ќе изгледа летото на македонските плажи и базени во хотелите?

Во продолжение протоколите за работа на плажите и базените:

Владата на Република Северна Македонија на 76-та седница ги усвои протоколите што ги предложи Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат на работата на базените и на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19.

Согласно Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19, освен задолжителното почитување на основните превентивни мерки за носење лична заштитна опрема на лицето, за физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, често миење на рацете со вода и сапун, и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите, задолжително е точното и видливо информирање на посетителите со информативно – едукативен материјал за посетителите во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетителите за лична заштитна опрема на лицето која што ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.

На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 – 2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.

Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители  и спроведувањето на мерките.  

Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19 уште ги уредува и санитарно – хигиенски мерки, препораките за вработените, а за користење на угостителски услуги се препорачува почитување на Протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија со КОВИД-19.

На плажите не се препорачува користење на гардероби на плажа.

Протоколот за работа на базените во тек на пандемија со КОВИД-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува како задолжително пред билетарите да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 – 2 метри. Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 – 2 метри или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети.

Пред влезот на базените задолжително е да се постави дезбариера (подлога) за дезинфекција на сите посетители и да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување и да се постави пред влезот на сите простории во објектот.

Задолжително е редовно информирање на посетителите, а користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување на ред и незадржување од страна на назначени лица од редарска служба. Зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа (по потреба и почесто).

При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде